Како го читам Блаже Конески денес

Текстот на Мања Величковска, кој беше првонаграден по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Филолошкиот факултет - Блаже Конески, го објавуваме по повод 96 годишнината од раѓањето на Блажета. 

 

Како го читам Блаже Конески денес

Мања Величковска

 

По извондредно лесната импровизација на некои текстови, одеднаш бев обземен од чувството дека јас песната запрво не ја пишувам, ами ја откривам.

(Конески во Еден опит)

 


 

 

Читајќи ја поезијата на Блаже Конески се среќаваме со современ, едноставен (но не прост) и читлив книжевен јазик. Лирско – исказни субјекти (термин на Кете Хамбургер), кои тој ги создава, секојпат нѐ возбудуваат и ни отвараат можности за ново, поинакво читање. Неговата поезија преминува во една засебна поетика со одделни гранки, коишто им нудат различни искуства на читателите. Затоа, сакам да зборувам за тоа како го читам Конески денес, преку преглед на мојот омилен циклус песни, посветени на Марко Крале, каде има рамнотежа помеѓу уметничкиот (пишаниот) и народниот (устениот) збор. Мислам дека преку интерпретацијата на овие неколку песни, може од еден посебен аспект да се зборува за современото читање на поезијата на Конески. Соодветно, настрана сите можни теоретски толкувања, лирскиот субјект, односно самиот Марко Крале, можеме да го поистоветуваме со денешниот човек, кој заробен во стегите на општеството, непрекинато ги потиснува внатрешните турбуленции. Можеме да зборуваме и за лирскиот субјект како за секој модерен писател, кој, како и многуте автори коишто му претходат, и тој се соочува со татнежот на своите идеи и со сопствената сила да ги изнесе истите на виделина (на лист). Двеве толкувања не се изразени во овој циклус и тој не реферерира директно на вакви смисли. Тие суптилно и потсвесно можат да се провлечат во умот на секој модерен читател, преку кои, тој би можел уште повеќе да се поистоветува со лирскиот субјект и да сочувствува со неговата болка. 

 

 

 

Сфаќајќи го поетот (со тоа сфаќајќи се и себе) како читател, Конески го прикажал индивидуалното, практично (читателско) искуство, како анегдотска предлошка. Според него, она што го прави поетот - поет е особената речевита дејност на колективот, така што, крајниот продукт е плод на комплициран процес во кој учествуваат три фактори: традицијата, колективот и авторот. За да постигне посебна стилска цел, Конески користел елементи од традиционалниот поетски израз и ги откривал песните преку (по)зајмнување и обработување на народните мотиви. Тој успеал да создаде стабилни и очудени целини, токму поради историски напластениот време – простор, каде е затекнат лирскиот субјект и каде свеста на истата поетската конструкција ги создава и интензивира архетипските колективни и индивидуални мачнотии. Така, се забележува дека односот меѓу традицијата и иновацијата, кој тој го создава, е резултат на долг поетски занает, а не ex nihilo создавање.

            И денес, поезијата на Конески ни го открива духот на времето, на својот културен и книжевен контест и ги атемпорализира идеите. Притоа, видливо е поетското откривање на песната во самиот процес на пишување при осцилаторното лиризирање на исказите, кое се случува хоризонтално, на крајот на делови од целината (само никој да не ја види мојата смрт, од Песјо Брдце), пред и по кое следи наративизација со видлива вертикална семантизација и звуковна перцептибилност (Со партали,/ Со песочиште, со чакалиште,/ Со камења, со карпи, од Стерна). Оттука се гледа и поетско – стилистичкиот критериум и спојот на две доминатни, на двата различни модели на градење на неговите песни (вметнати во генезата на истата), односно метонимискиот модел и метафоричниот. На тој начин песните се трансформираат циклично, како резултат на заскитаната и актуелизирана традиција, која пријатно освежува.

            Неговата поетска креација не би била уметничка доколку е потпрена на сиромашна интерпретација и временска преписка. За раѓањето на лирската песна е неизбежен одреден зорт. Така на пример, циклусот песни за Марко Крале се комбинирани со мотоцитати (народни легенди и цитати од Марко Цепенков) и благодарение на нив имаме сопоставување на два погледа. Во нив има одреден мотив, од каде авторот го продолжува ткаењето на зборовите и на интертните мотиви или ги реинтерпретира истите. Тоа е продолжување на традицијата, но и раскин со неа. Воедно, во овие цитати е збиена основната поетска идеја на песните и затоа тие имаа уникатна палимпсестна природа.

            Односот легенда – песна е чест за поезијата на Конески и е најзначаен за споменатиот циклус и неговото современо исчитување. Поврзувајќи ги историските податоци со народните преданија и легенди, се соочуваме со нивните обновени односи. Ваквата специфика се забележува во песните на Конески, од каде, читателот добива впечаток дека борбата меѓу доброто и злото ги избришала временските граници и дека јунакот постои во внатрешниот лирски свет, но и дека се прелева преку маргините на фикцијата - во стварноста. Епскиот јунак во поетиката на Конески се....

Целиот текст на Мања, во PDF можете да го превземете ОВДЕ
 
Како бонус PDF, Конески, своерачно, ОВДЕ
 

hakfin | 20.12.2017 | twitter