НОВИ ПОТВРДЕНИ АРТИСТИ за ПИН програмата на ТАКСИРАТ!

Деветнаесеттата едиција на ТАКСИРАТ во која нѐ очекува повеќедневна програма со повеќе од 30 музички настапи, годинава официјално ќе биде отворена со ПИН музичката конференција и шоукејс фестивал, која ќе се одржува од 30-ти ноември до 2-ри декември во МКЦ! Со овој меѓународен музички настан, Таксират во Скопје ги претставува врвните имиња од европската музичка индустрија во дневната панел-програма, додека пак ноќите на ПИН се резервирани за концертите на најпотенцијалните артисти на новата музичка сцена од Европа и регионов.

Кон веќе најавениот концерт на LIARS закажан за 30-ти ноември, и концертот на МАРИО БАТКОВИЌ на 2-ри декември, во програмата на ПИН се приклучуваат уште четири нови музички имиња кои ветуваат возбудлива концертна вечер и на 1-ви декември: неприкосновените лидери на турската психоделична музика BABA ZULA, словенечкиот industrial/noise тандем IT’S EVERYONE ELSE, новото актуелно име од сцената во Србија VIZELJ и германскиот млад состав EXCESSIVE VISAGE!
 
flaer


Бендот BABA ZULA иако е оформен во 1996-та година, денес важи за новото име од Турција кое веќе ја освојува интернационалната сцена нудејќи и на публиката уникатно музичко искуство на нивните настапи во живо, подеднакво како и на студиските изданија. Спојувајќи ги ориенталните инструменти како електричен саз, тарабука и удиралки со електронските и модерни звуци, BaBa ZuLa создава своевиден звук кој го нарекува Истанбулска психоделија. Нивната музика е ориентален рокенрол, обвиен во футуристичка форма инспирирана од доцните ‘60ти години. Нивните перформанси како шамански ритуали се спој на различни уметнички дисциплини, често вклучувајќи танчери, впечатлива костимографија, поезија, театар и сликање во живо, кои пред публиката приредуваат извонредна аудио-визуелна „гозба“. BaBa ZuLa е бенд кој морате да го погледнете во живо, бенд кој го споделува своето наследство со нас преку својата музика, родена во уметнички раскошниот Истанбул.
 
IT’S EVERYONE ELSE ќе ги разниша сите ваши претпоставки за електронската музика. Користејќи само два вокали, две клавијатури, електронски ритми и семплови, тие проектираат апокалиптична симфонија, комбинирајќи ноиз, хардкор, индустријал и поп музика, која се распрснува како возбудлив бран од гнев и (политичко) незадоволство, истовремено задржувајќи го разиграниот основен призвук. Препознатливи се по нивните диви и нескротливи настапи во живо, кои ќе ве остават со чувство дека сте биле вовлечени во злоупотреба на најзадоволувачки начин. По објавувањето на дебитантскиот албум IS IT ME? дуото во 2012 замина на турнеја низ Европа и Балкан во чии рамки настапуваа речиси секаде помеѓу Норвешка и Македонија и ја делеа сцената со имиња како ATARI TEENAGE RIOT, XIU XIU, UNSANE, WOLF EYES и KING BUZZO (THE MELVINS). Вториот албум NEW RELIGION (2014) го објавија за австриската етикета NOISE APPEAL RECORDS, а песната GRINDER’S LAMENT се најде во изборот на THE GUARDIAN за „5 најнови песни во светот кои морате да ги чуете“. Последното ЕП издание HEAVEN IS AN EMPTY ROOM го објавија во ноември минатата година кое покрај тоа што ги собра позитивните критики, беше прогласен и за Најдобар албум од Словенија, од страна на меѓународната платформа BEEHYPE.
 
N/A


 

Безобразни, бесни, електрични. Три збора кои совршено ја опишуваат музиката и настапите на младото трио VIZELJ од Белград кое во моментов е актуелно со промоцијата на својот прв албум. Vizelj е рок бенд од Србија, оформен на почетокот на 2013 година, а кој зад себе има две студиски изданија. Првото, во ЕП формат, насловено EP#1, го објавија во 2014 година за култскиот хрватски лејбл „Slušaj Najglasnije!“, додека дебитантскиот албум „Naj Bolji“ се појави годинава под етикетата на дискографската куќа „Odličan Hrčak“. Во меѓувреме, покрај регуларните концертни активности, бендот веќе го снима материјалот и за претстојното ЕП издание чие објавување е планирано кон крајот на годинава, па настапот во Скопје е одлична прилика за Вељко Милинковиќ (вокал, гитара), Алекса Недиќ (вокал, бас гитара) и Андреј Младеновиќ (тапани) претпремиерно да претстават во живо и дел од својот нов материјал.
 
EXCESSIVE VISAGE е групата која во Скопје, во рамки на ПИН шоукејс фестивалот доаѓа претставувајќи ја новата сцена на Германија. Тие во својот музички израз говорат посебен јазик, препознатлив во рок жанрот и истовремено авангарден, но сигурно уникатен и екстремно моќен. Низ нивната музика провејува и мрачниот звук, создавајќи моќна атмосфера која совршено се вклопува во нивните жестоки и драматични аранжмани.

Ranti | 08.11.2017 | twitter