Life Action-Game Action 2, изложба во Мала станица

Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 25 декември (вторник), во 20 часот ќе се отвори изложбата Life Action / Game Action 2, кураторски проект на Ана Франговска, на која ќе излагаат уметниците Гордана Вренцоска, Славица Јанешлиева, Гоце Наневски, Игор Сековски, Александар Спасоски и Борис Шемов.
Life Action / Game Action 2 е продолжение на минатогодишниот проект Life Action / Game Action 1 кој се одржа лани.

Учесниците во Life Action / Game Action и 1 и 2 на еден специфичен начин се осврнаа на неколку суштински аспекти од нашето општествено битисување, почнувајќи од едукацијата фокусирана на уметничкиот, т.е. културолошки дискурс, кој во нашиот образовен систем е сведен на чиста моторична вежба на телото, а не на духот; потоа распнатоста на единката меѓу соништата и реалноста, очекувањата и актуелноста. Навлегува со софистицирана идеосинкразија во сондирање на релацијата општество – уметност и нејзините мошне заплеткани повеќеслојни нивоа на допирања и одбивања со неминовно актуелниот проблем на вмешаноста на политиката во уметноста. Од последново, пак, произлегуваат прашањата за културната политика, за институциите, за сервилноста, за вкалапеноста, за незначителноста на критичката и стручна маса, за немањето дијалог, за неподготвеноста и немањето култура за слушање и примање критика, за незнаењето да се критикува, притоа да не се навреди личниот интегритет на индивидуата или на групата, за непреземањето одговорност, за неоправданоста на изборот, безгласноста, немањето комуникација, индивидуализмот, за молкот како решение, за лојалноста по секоја цена итн. 

flaer


Колку современото дело успева да воспостави релација со реципиентот и дали го третира воопшто тој проблем или уметноста сè повеќе станува „елитистичка“, привилегија на посебните. Дали трик-уметноста, го заслужува вниманието или не. Дали инстант-уметноста може да задоволи вредносни критериуми. Дали уметникот знае да каже НЕ на барањата на кураторот или на институцијата и колку го чини тоа?
Истото се однесува и на кураторот и на неговиот СТАВ и позиција во институцијата во која е тој главниот егзекутор на активностите ... неговата одговорност е пред уметникот или пред работодавачот? ... Полн грст празни одови, падови, дубиози...
Славица Јанешлиева, Гордана Вренцоска, Борис Шемов, Александар Спасоски, Гоце Наневски и Игор Сековски на многубројни различни начини начнаа голем дел од горенафрлените моменти на реификација на состојбите во себе, во кругот во кој егзистираат, творат, работат, функционираат. лицето А. С. мошне интимистички ги истакна сопствените стравови и дигресии на „перформативен“ начин; Б. Ш. го нападна директно и отворено кураторот за нејаснотија, а потоа го обработи моментот на прокрастинација како суштински во процесот на (не)фокусирање кон уметноста; Г. В најнапред го истакна проблемот од недостаток на сопствен простор, а по една година „докторира“ на тема купување стан; С. Ј.говореше за сенката (нашите сеништа и во преносна и во буквална смисла) и тишината (молкот како став и однос); И. С. се изедначува со животни (ут или куче) во зависност од анималните карактеристики со кои сме „надарени“ во времињата што ги живееме; Г. Н ги обработува аспектот на играта (коцката) и уметникот како гард на „вечната“ парадигма на игривоста и коцкањето во и со животот во секоја смисла или, пак, во новата верзија на Life action/Game action 2 понуди проблем-гатанка, која треба да се реши.

Life Action / Game Action 1 и 2 се и игра и живот и нудат ad-hoc решенија на индивидуи што активно и генерално оправдано ја градат нашата рецентна сцена.
За Life Action / Game Action 1 и Life Action / Game Action 2 се подготвува книга во која теоретски за концептот на изложбата пишуваaт кураторот и уметниците, а е илустрирана со проектите на застапените уметници на изложбите.


Ranti | 23.12.2012 | twitter