Lady Blue Shangai [David Lynch 2010]

Како голем почитувач и страстен обожавател на делото на еден од најчудните режисери на денешницата, си земав за право да се осврнам на последниот негов “продукт”, 16 минутниот филм Lady Blue Shanghai. Секогаш е предизвик да се погледне било што произлезено од бескомпромисниот гениј на современиот филмски надреализам- Дејвид Линч, и секое погледнување создава нов свет, мрачен, соновен, но секогаш длабоко поврзан со човековата потсвест.
После исклучително долгото, мачно уживање во неговиот последен долгометражен филм Inland Empire, фабриката Линч како да се подизгуби од филмската сцена, и единствено беше присутна во соработки и продукциски искуства. Според мене, веројатност е дека после скромното прифаќање на Inland Empire од синематската јавност, како да големиот режисер се запраша дали е воопшто исплатливо да се снима голем филм, кој бара голем труд, многу пари, а дава многу малку резултати. И затоа се што добиваме од Линч деновиве е неколку режирани реклами, и неколку кратки филмови. После поетичниот Boat, каде се појавува самиот Линч, Lady Blue Shanghai е следен во низата кратки филмови, кој истовремено е и реклама. Се надевам нема да ми замерите што правам рецензија на реклама, освртот е од филмски аспект.


photo © Lynch

Станува збор за филм во кој се појавува сега популарната Marion Cotillard (да , таа од Inception) која влегува во хотел во Шангај и таму наоѓа црна Dior чанта, преку која започнува да се потсетува на нејзино претходно присуство во истиот град, каде и се случила романтична средба со еден човек. Филмот е поделен на два сегменти, едниот е реалниот, и вториот сегмент кога во соновна атмосфера таа се присетува на случката од претходно. Заради краткото траење, секако не постои развој на ликовите, ниту поприлично запознавање, туку директно се вклучуваме во приказната во хотелот. Фотографијата е сосема линчовска, со рачно држена камера фокусирана на ликовите. Во делот кога се присетува, е направен експеримент веројатно со користење на high speed камера, потенцирајќи ги неонските светла на Шангај, кои се размачкуваат при мрдањето на камерата, учествувајќи притоа во создавањето некомфорно сувство, налик на сон. Иако станува збор за реклама на Диор, освен потенцирањето на црната чанта, во текот на филмот воопшто не би помислиле на тоа. После се, доколку сте фан на Линч, и тоа како мора да го погледнете, а и било кој кој сака да го види принципот на Линч, а нема храброст или време да изгледа долгометражен филм.
И да, еве го филмот.



Оцена: 7/10
Режија: David Lynch
Сценарио: David Lynch
Улоги: Marion Cotillard, Gong Tao
Премиера: 2010

Trajkovski | 01.12.2010 | twitter