Баклава - Калемар

За некои нешта е потребно време и трпение. На пример, „Војна и мир“ не се чита преку ноќ. Всушност, може и да се прочита во скратена и упростена верзија или да се препише од некој што веќе ја обработил, ама така само ги мамите и другите и себе си, се правите слеп при здрави очи. Истото тоа важи и за изворната музика, особено таква богата и обемна каква што е нашата македонската народна музика. Сведоци сме на толку многу примери каде што се обидува да се оди по пократкиот пат, без почит неписмено да се користат или мрзливо да се препишат познати мотиви и песни и потоа сето тоа да ни се продава под името „народна“ или „етно“ музика како врвна, па дури и патриотска уметност.


photo © омот

Тоа не е случај со членовите од „Баклава“. „Баклава“ можеби е релативно млад состав, но неговите членови имаат завидно искуство. Тие одамна ја имаат сфатено лекцијата дека кој кроце оди, далеку стигнува и дека за да знаеш да пишуваш треба прво да ја научиш азбуката. Тоа се потврдува низ нивното долгогодишна љубов и изучување на народната музика и инструменти, како лично, така и низ учеството во најразлични состави и проекти како што се курсот за народни инструменти на Пеце Атанасовски, а и самиот Оркестар Пеце Атанасовски, Ајвар, Танец, да споменам само некои (биографот на Елена навистина ќе треба да си ги засука ракавите...). Сето тоа време тие внимателно и трпеливо се хранеа и го впиваа богатиот наш мелос, го учеа занаетот на своите инструменти, учеа од постарите, ги наоѓаа и ги поврзуваа нишките на традицијата. Како градинар кој со години чека да израсне неговото дрво, го негува, го полева и го калеми за да му даде свој белег, така и тие посветено ја учеа, свиреа и пееја изворната музика за конечно да го дочекаат плодот на својот труд – „Калемар“.

„Калемар“ целосно го оправдува своето име, бидејќи претставува еден зрел спој на традиционалното и авторското, кое природно се надоврзува на изворната музика од која ги црпат своите креативни сокови. Патот во изведбата и интерпретацијата на традиционалните песни кои го започнаа со нивниот прв жив албум и неколкуте последователни синглови е заокружен на овој албум. Нивниот минимален музички концепт на глас, две тамбури и деф, без непотребна декоративност или епичност тука добива потврда за својата плодотворност. Уште од првите тактови на тамбурата пленува смирената веселост на „Твојте очи Лено“ и изненадувачкаѕта експанзивност на „Ој девојче“. Сепак, тука барем за мене, се истакнува нивната „Јаворе“ , толку различна од некои верзии во својата сталожена раскошност и суптилен хедонизам, дозволувајќи целата песна полека да се раскрили како крошна под чии звуци можете да уживате.


photo © Бисера Станковска

Вистинското пријатно изненадување се сепак нивните авторски песни во кои тие вистински се калемат на традицијата. Далеку од тоа тие да се само обични стилски вежби, тие претставуваат полнокрвни песни со јасен авторски глас. Тука има цел дијапазон на теми, од „Змеј горјанин“, каде што магичниот глас на Елена ќе ве понесе низ приказната за змејот кој ја спасува девојката, до игривата и палава „Пилето“ и разиграната, речиси трансоидна „Севда“ (мој фаворит кој е најблиску до работата на претходниот проект на Сибо, Ајвар) кои ќе ве подигнат на нозе и ќе ви стават насмевка на лицето. Тие знаат исто така да ви ја понесат душата угоре во небото во парот песни „Псалм“ и „Чекор“ или да ве спрострат под звезденото небо во „Звезда спуштена“ и „Извор“ па дури и малку да флертуваат со ренесансната музика во „Облаче“. Но, сепак најмногу ме пленија во нивните најинтимни и најискрени песни, кога оставаат нивниот глас слободно да се чуе, како што е една од нивните први авторски песни, толку прикладно наречена „Глас“, каде што секој од нив дава свој одмерен, но решителен придонес, од езгичната тамбура до цврстиот ритам на дефот, потоа “Душа“ во која гласот на Елена е сам свој универзум и „Ден“ каде што ве чека најубавиот момент на албумот, тамбурата која наеднаш се јавува и која како да ја собрала целата убавина и топлина од овие 47 минути. Бидете трпеливи и сочекајте ја да се јави, мелем за душа...

На крај, можам да кажам дека „Калемар“ е албум на група која ја доживу ва својата зрелост и која со својата трпеливост и посветеност дури сега ќе почне да не изненадува и радува.

milan | 16.10.2008 | twitter