Приказните на Кире Галевски

Изложба на фотографии на Кире Галевски

Мала Станица
29.04.2008
20.00 часот (токму сега)


photo © Кире Галевски - Изи

Она што го разликува и му дава особен белег на Кире Галевски од низата прекрасни македонски фото-репортери е – студиската фотографија. Студиската фотографија, се разбира, не подразбира само фотографирање во студио, туку повеќе подразбира студија на објектот што се фотографира. Набљудувачот тоа може најдобро да го види токму преку портретите што се поместени на оваа изложба, а кои претходно беа објавени во рубриката „Lifestyle“ во магазинот „Глобус“. Имено, секој од овие портрети е своевидна студија на карактерот на личноста што е фотографирана, секој портрет носи своја приказна, а изразните средства што се користени никого не можат да го остават рамнодушен. Посетителот на изложбата може да ги види личностите од јавниот живот, кои на овој или оној начин беа актуелни во минатата година во една поинаква, невообичаена, но во секој случај оригинална и естетски совршена визура.

photo © Кире Галевски - Лабина

За да се постигне ефектот, каков што Галевски без исклучок го постигнува, не е потребна само имагинација и креативност, потребно е совршено познавање на занаетот, владеење со самиот фотоапарат, со компјутерските техники, но и со светлото и сенките кои се важен чинител во сликата што Галевски сака да ја добие и која, се разбира ја добива.
Морам да кажам дека пред околу година дена, кога редакцијата „Глобус“ се зафати со рубриката „Lifestyle“, знаев точно кои и какви напори н` очекуваат и по малку бев скептичен дали, како и со каков квалитет ќе биде изведен овој проект. За среќа, скепсата беше непотребна што најдобро може да се види денес кога севкупниот годишен резултат е ставен на увид пред јавноста.
Ѕвездан Георгиевски

Ranti | 29.04.2008 | twitter