„Скриените симболи на Скопје“ – Изложба на фотографии во КИЦ

Самостојна изложба на фотографии на фотографот Кире Галевски, насловена како „Скриените симболи на Скопје“ ќе биде отворена на 26.02.2008, вторник, во 20:00 часот во просториите на Културно Информативниот Центар.
Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на град Скопје, г-динот Трифун Костовски. Авторот и неговите фотографии ќе ги претстави г-динот Роберт Јанкуловски, фотограф и директор на Македонскиот центар за фотографија.


photo © flaer

Изложбата ќе содржи 26 фотографии од архитектурата на градот и околината на Скопје и ќе биде отворена за посета од 27.02.2008 до 02.03.2008 година (од 10 до 20 часот).

Фотографиите на Кире Галевски претставуваат успешна визуелизација на минатото на Скопје затоа што изложените визури најчесто се присутни само во меморијата на постарите Скопјани. Оптоварени од брзиот начин на живеење, секојдневно поминуваме покрај овие објекти без да ги согледаме нивните убавини. Секако, во доловувањето на градската атмосфера пресудно значење има фотографското гледање на авторот. Уште при првиот поглед на изложбата станува јасно дека се работи за фотограф којшто добро ги познава основните принципи на фотографијата, избор на ракурс и анализа на светлото коешто само во одреден дел од денот ги „оживува“ објектите. Документарниот пристап во работата го надополнува мислењето дека Галевски суверено владее со фотографскиот медиум.

За авторот:
Кире Галевски, е роден на 27.11. 1974 во Охрид. Со фотографија, професионално се занимава од 1993 година. Од 1995 до 1998 година престојува во Прага каде е уредник на фотографија во „The Prague Tribune”, како и соработник на lifestyle магазинот „Velvet”. Во тој период, Галевски е и фотограф на канцеларијата на претседателот Вацлав Хавел за проектот „Sv. Voitcheh”. Како фоторепортер и уредник на фотографија работи и соработува со повеќе македонски дневни и неделни печатени медиуми, меѓу кои: „Пулс“, „Денес“,„Форум“, „Теа Модерна“, „Национал”, „Семеен магазин“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Македонија денес“. Од 2003 година соработува со неколку маркетинг агенции, на полето на рекламната фотографија. Во моментов, Галевски е сопственик на агенцијата за фотографија и дизајн „StoneHead Images“.

Ranti | 22.02.2008 | twitter